Анализи

Керни: Како генерацијата Z влијае врз малопродажбата?

27 јун 2020

Истражувањето на „Керни“ за потрошувачите открива дека не само што генерацијата Z ќе ја одреди иднината на малопродажбата туку и дека таа е иднината.

Автори: Нора Клајневелингхофер и Грег Портел, „Керни“

Во споредба со милениумците и генерацијата X, генерацијата Z повеќе се грижи за сопственото здравје, особено за менталното. Таа генерација многу посилно го доживува и прикажува стресот од вестите и од социјалните медиуми во споредба со претходните генерации. Таа емоционална кревкост влијае врз тоа како размислуваат и како купуваат нејзините припадници.

Тоа се само два од заклучоците на извештајот „Купувачот на иднината“, кој истражува како желбата за здравје и благосостојба на генерацијата Z влијае врз малопродажбата. Во анкетата се интервјуирани 1.500 американски и канадски потрошувачи од четири генерации (бејби-бумери, генерација Х, милениумци и генерација Z). Резултатите се прикажани преку неколку клучни точки.

Генерацијата Z е загрижена за своето физичко и психолошко здравје како и бејби-бумерите, што е сосема различно од милениумците, кои покажуваат најмала загриженост.

Стрес: генерација во криза

Генерацијата Z е загрижена за своето физичко и психолошко здравје како и бејби-бумерите, што е сосема различно од милениумците, кои покажуваат најмала загриженост. Парадоксално е што генерацијата Z, за која е карактеристична и грижата за менталното здравје, е повеќе под стрес отколку бејби-бумерите (23% наспроти 11%).

Како директен резултат од загриженоста, купувачите од генерацијата Z почесто купуваат здрави и велнес-производи отколку другите генерации. Околу 46% од испитаниците од оваа генерација велат дека се многу загрижени за сопственото здравје, што е само за 1% помалку од бејби-бумерите, чија возраст може да ги објасни нивните здравствени грижи.

Подобар свет, но не по премиум цена

Интересот за одредени категории производи не значи дека генерацијата Z троши без размислување за каков било велнес-производ. Напротив, испитаниците рекле дека ценат едноставни и одржливи производи, но одбиваат да платат повеќе за социјални и еколошки премиум производи.

Околу 67% од испитаниците рекле дека повеќе сакаат да купат производ со јасно наведени состојки, 65% повеќе сакаат едноставна амбалажа, а 58% сакаат амбалажата да биде еколошки прифатлива. Половина од испитаниците од генерацијата Z изјавиле дека сакаат производите да бидат локално произведени, а 57% бараат одржливи производи.

И покрај интересот за еколошки, локални и одржливи производи, само 38% од испитаниците од генерацијата Z целосно или генерално се сложуваат со тврдењето: Подготвен/а сум да платам повеќе за производи од локално потекло, а 33% потврдно одговориле дека ќе платат повеќе за одржливо пакувани производи.

Неподготвеноста на потрошувачите од генерацијата Z да плаќаат повеќе за таков производ или услуга значи дека на брендовите им останува да откријат како правилно да ги пласираат производите.

Иако се пораснати во ерата на технологијата, потрошувачите од генерацијата Z сè уште го ценат искуството од традиционалното купување, дури и повеќе отколку милениумците и генерацијата X.

Нова можност за традиционалните продавници

Членовите на генерацијата Z се нарекуваат и дигитални домородци, па затоа е зачудувачки што тие и понатаму се потпираат на традиционалните, физички продавници. Иако се пораснати во ерата на технологијата, овие потрошувачи сè уште го ценат искуството од традиционалното купување, дури и повеќе отколку милениумците и генерацијата X.

На констатацијата: Купувањето во продавница ми допушта да се оттргнам од социјалните мрежи и од дигиталниот свет, повеќе од половината (58%) од испитаниците од генерацијата Z одговориле: Речиси секогаш е вистина или Најчесто е вистина.

На прашањето каде сакаат да купуваат (за сите категории), 73% изјавиле дека ги користат физичките продавници за да откријат нови производи, 65% рекле дека одат во физички продавници за да пробаат нешто, а дури 81% изјавиле дека сакаат да купуваат во физички продавници.

Испитаниците од генерација Z имаат многу променлив однос кон социјалните медиуми. На прашањето дали чувствуваат дека се презаситени од социјалните мрежи, 28% од испитаниците рекле дека навистина сакаат да поминуваат помалку време на социјалните медиуми. Тоа не значи дека социјалните мрежи не се голем дел од нивниот живот, туку напротив – имаат огромно влијание врз генерацијата Z, кое не може да се игнорира, дури и кога испитаниците навистина сакаат.

Во чекор со дигиталните истомисленици

Генерацијата Z ги редефинира границите на тоа што претходните генерации го сметаа за „шопинг-терапија“. Околу 26% од потрошувачите од генерацијата Z тврдат дека се чувствуваат присилени да ги следат трендовите и велат дека купуваат за да ја зголемат самодовербата, дури и кога не можат да си го дозволат тоа. Со тврдењето: Купувањето ми помага да се чувствувам самоуверено и сигурно во себе, (целосно) се согласуваат 44% од испитаниците од генерацијата Z.

Околу 26% од нив изјавиле дека поради купувањето производи што ги рекламираат инфлуенсерите, се чувствуваат поблиски и се поврзуваат со нив.

Ставовите на генерацијата Z се совпаѓаат со размислувањата на инфлуенсерите што се на нивна возраст, многу повеќе отколку претходните генерации. Освен тоа, ова е и генерација што многу ги цени персонализираните препораки.

Колективната емоционална кршливост на целата генерација Z ја прави чувствителна на тоа што смета дека е потпросечно купувачко искуство.

Генерациска нетолеранција за потпросечно искуство

Колективната емоционална кршливост на целата генерација Z ја прави чувствителна на тоа што смета дека е потпросечно купувачко искуство. Со други зборови, оваа генерација многу потешко поднесува лоша услуга во споредба со другите генерации и затоа понекогаш нејзините припадници изгледаат каприциозни. Поради негативното искуство при купувањето, потрошувачите од генерацијата Z попрво ќе се откажат од набавката (онлајн или офлајн) отколку испитаниците од другите генерации. Тие, исто така, бараат различно искуство при купување и претпочитаат добра организација во продавницата, со фокус на ограничен број производи.

Продажба на генерација Z… според нејзини услови

Малопродажните трговци треба да го засилат фокусот на категориите што привлекуваат потрошувачи од генерацијата Z, како што се: пијалаци и храна, производи за убавина и за здравствена нега, забава и сл. Се разбира, беспрекорното купувачко искуство е клучно за задржување на потрошувачите од оваа генерација.

Иако е вистина дека генерацијата Z има топло-ладен однос кон социјалните мрежи, при дизајнирање на маркетинг-пораките треба да се има предвид дека тие се составен дел од животот на нејзините припадници.

Од аспект на искуството во физичката продавница, 72% од испитаниците од генерацијата Z веруваат дека технологијата ќе го намали времето на чекање, а 61% сакаат технологија што ќе го олесни наоѓањето на производите. Истовремено, 66% од испитаниците се изјасниле дека повеќе би сакале да купуваат во продавници со технологии што го подобруваат купувачкото искуство.

Колку и да се промени генерацијата Z со стареењето, една работа останува иста. Тоа е генерација чие значење за малопродажните трговци ќе се зголемува во следните 50 години. Не само што генерацијата Z ќе ја одреди иднината на малопродажбата туку таа е и иднината.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...