Анализи

ИГД: Пет клучни тренда во малопродажбата во 2020 година

25 фев 2020

Кои се клучните трендови што ќе го развиваат и обликуваат глобалниот малопродажен пазар во текот на следните 12 месеци и понатаму?

Автор: Тоби Пикард, раководител за иновации и за трендови, ИГД 

Врз основа на анализа на некои од главните промени што се случија во глобалната малопродажба во текот на 2019 година, ги прогнозираме петте клучни тренда што очекуваме дека ќе го развиваат и обликуваат глобалниот пазар на мало во текот на следните 12 месеци и понатаму.

Користејќи го моделот „четири сили на промените“, веруваме дека трговците на мало и брендовите ќе воведат бројни иницијативи за да одговорат на овие трендови во 2020 година.

Малопродажните трговци ги реосмислуваат начинот на кој работат и стратегијата за проширување низ целиот свет.

  1. Моќта на партнерствата

Малопродажните трговци ги реосмислуваат начинот на кој работат и стратегијата за проширување низ целиот свет. Историски, тие се прошируваа преку купување, поседување и работа со продавници во колку што е можно повеќе земји, но сега постои нова стратегија за градење партнерства.

Стратешките партнерства на трговците на мало им овозможуваат да се прошират побрзо и да инвестираат помалку отколку што било случај во минатото. Од новите партнерства трговците имаат и бројни други придобивки – тие добиваат увид и пристап до нови канали, стекнуваат нови вештини и добиваат поголема тежина за разлика кога самите би ги развивале сопствените услуги.

Во крајна линија, партнерствата им помагаат на трговците да ги подготват своите бизнис-активности за посилен иден пораст.

  1. Времето е најголемата валута

Малопродажниот сектор е изграден околу купувачите, потрошувачите и нивните навики, ставови, вкусови и преференции, кои постојано се развиваат. Купувачите сè повеќе го чувствуваат притисокот од времето и во иднина веруваат дека нивните животи ќе станат уште позабрзани.

Затоа, индустријата има можност да биде пред идните потреби на купувачите и на потрошувачите, ако остане релевантна и им помогне на купувачите да ги набават потребните производи без да потрошат многу време.

Приоритет за малопродажните трговци, со поддршка од производителите, е да го направат купувачкото искуство колку што е можно поедноставно за луѓето да знаат дека најдобро го користат своето време.

Управувањето со сите аспекти на патот кон купувањето ќе стане клучна област на победничките трговци.

  1. Промоција на целта

Во текот на претходната година малопродажните трговци од целиот свет беа фокусирани на намалување на отпадот од храна и пакување.

И годинава тие ќе продолжат да се фокусираат на оваа важна и предизвикувачка тема. Очекуваме во продавниците да видиме многу повеќе автомати за рециклирање, како и нови решенија за намалување на отпадот од храна и пакување.

Водечките трговци на мало и брендовите ќе настојуваат да го намалат негативното влијание врз животната средина. Тие ќе се стремат да имаат позитивно влијание врз сè што прават – од одговорниот начин на работа до заедниците каде што работат. Ќе се фокусираат на повисоки цели и ќе настојуваат да ја направат „вистинската работа“. Ќе настојуваат да го променат сопствениот имиџ, со што ќе привлечат нови купувачи и ќе ја зајакнат лојалноста.

Овој тренд ќе отвори бројни предизвици во индустријата бидејќи ќе бара зголемена транспарентност, похрабри обврски и поголема свесност и одговорност за новите теми кои купувачите, медиумите, владите и невладините организации сметаат дека се важни.

  1. Поздрави луѓе и поздрава планета

Здравјето и благосостојбата сè уште се од витално значење за купувачите, трговците на мало, брендовите и за владите.

Трговијата и брендовите ќе трагаат по начини како да бидат поразлични од другите во поддршката на купувачите и потрошувачите за поздрав живот преку совети, онлајн или во физичките продавници. Очекуваме да видиме поспецијализирани асортимани на производи и услуги што ќе им помогнат на купувачите да се хранат и да живеат подобро. Трговците ќе ги едуцираат, информираат и наградуваат купувачите за (по)здрав живот.

Малопродажните трговци и брендовите ќе користат бихевиористички техники за да ги охрабрат купувачите и потрошувачите да живеат поздраво. Тие индиректно ќе предлагаат нови позитивни начини со кои ќе ги поттикнуваат купувачите кон здрав начин на живот.

  1. Секој момент е важен

Во 2011 година „Гугл“ го објави извештајот „Освојување на нултиот момент на вистината“ (Winning the Zero Moment of Truth). Во извештајот се опишува револуцијата во начинот на кој потрошувачите бараат информации преку интернет и донесуваат одлуки за производите. Се истакнува дека „моментот на вистината“ повеќе не е на физичко ниво, туку е во рамките на дигиталниот свет.

Во денешниот поврзан свет оваа идеја никогаш не била порелевантна. Потрошувачите го менуваат начинот на кој ги донесуваат одлуките за купување. Затоа, повеќе од кога било досега, време е да се промени начинот на кој продаваат и трговците и брендовите.

Очекуваме големите трговци директно да управуваат со нивните тактики за маркетинг, почнувајќи од традиционалните медиуми, па сè до влијанието на социјалните мрежи. Тие што немаат соодветни професионални тимови во својата компанија голема е веројатноста да се поврзат со трети страни, односно да соработуваат со професионални провајдери на технолошки услуги.

Од суштинско значење за трговците ќе биде да управуваат со сите моменти на патот кон купувањето бидејќи тоа ќе им помогне да ги зголемат увидот, опсегот и влијанието кај купувачите, со што ќе ја градат и зголемуваат лојалноста.

Тренд во најава: Секој е трговец

Технологијата му овозможува секому да продава производи и услуги.

Во текот на изминатите години социјалната трговија, особено во Азија, забележа голем пораст. Со нетрпение очекуваме да се појават уште многу „трговци на мало“ и да им ги понудат на купувачите своите производи и услуги. Очекуваме зголемување на директната продажба и купувањето преку социјалните мрежи, но и пораст на бројот на потрошувачите кои и самите ќе станат трговци на мало.

Тоа за купувачите ќе значи поголем избор и можности за купување, но и нови предизвици за трговците на кои трговијата им е основна дејност. Управувањето со сите аспекти на патот кон купувањето ќе стане клучна област на победничките трговци.

Во текот на 2020 година ќе следиме и известуваме за тоа како трговците и брендовите реагираат на променливиот малопродажен пејзаж, а ќе ги следиме и клучните трендови што ги идентификувавме.

Очекуваме зголемување на директната продажба и купувањето преку социјалните мрежи, но и пораст на бројот на потрошувачите кои и самите ќе станат трговци на мало.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...