Анализи

Еуромонитор: Најважните трендови во 2017 година

21 апр 2017

Извор: „Еуромонитор интернационал"

Како што глобалната популација станува сè повеќе дигитално поврзана, новите технологии отвораат нови врати за брендовите, овозможувајќи им одблиску да допрат до крајните потрошувачи. Истовремено, нудат и нови начини за управување со продавниците. 

Најважните три трендови што ќе ја одбележат 2017 година се:

  • Новите дигитални услуги ќе го придвижат порастот на дигиталните продавници;
  • Облеката ќе го предводи дигиталниот развој на производите;
  • Ќе се зголеми мобилното плаќање преку аликациите на банките. 

Забрзан развој на дигиталните продавници

Според истражувањето „Глобални потрошувачки трендови" што „Еуромонитор интернационал" го спроведе во 2016 година, потрошувачите се свртуваат кон дигиталните канали за купување туристички аранжмани, кои можат полесно да се пребаруваат, а истовремено, овозможуваат и да се купи по пониски цени. Тие услужно ориентирани купувања, помагаат за развој на дигиталните продавници и ќе продолжат да го прават тоа и годинава.

Во истото истражување, потрошувачите генерално изјавиле дека најчестите мобилни купувања што ги прават се услужно ориентирани, вклучувајќи преземање од медиуми, купување влезници и нарачка на храна. Разликата меѓу уредите што се користат за нарачка е најмала кога се нарачува храна преку интернет – 26 отсто од испитаниците рекле дека нарачуваат храна преку компјутер, а 20 отсто го прават тоа со помош на мобилните телефони.

Дигитализацијата овозможува и нови облици на продавници, вклучувајќи дигитални стриминг-услуги, економично споделување и услуги на претплата. Тие услуги не беа можни пред дигиталните уреди да бидат широко распространети и токму тоа, ќе биде особено важно за понатамошната експанзија на дигиталните продавници.

Облеката – лидер за порастот на дигиталните продавници

Пред десет години, постоеше голема недоверба околу идејата облеката да се продава преку интернет. Денес, таа е една од приказните со најголем пораст на продажбата во универзумот на дигиталните продавници. „Еуромонитор интернационал" предвидува дека во 2017 година преку интернет ќе бидат купени производи во вредност од 1,3 трилиони долари, што ќе биде 9,6 отсто од вкупната сума продадени производи и услуги. Од дигиталната продажба на сите производи, облеката и чевлите најмногу ќе придонесат за апсолутната вредност на продажбата, со проценети 31,4 милијарди долари, колку што се очекуваат од вкупната продажба годинава.

Западноевропските и северноамериканските потрошувачи многу добро се снаоѓаат и се задоволни од повеќеканалните стратегии на клучните играчи на пазарот и од континуираната интеграција на физичките и на дигиталните продавници. Како резултат на тоа, услугите како што се „нарачај и земи" (click & collect), подигнувањето на стоката во продавниците и повторното одење во продавница се „новото нормално функционирање". Имајќи го тоа предвид, Азиско-пацифичкиот Регион, со средната класа во подем и со ментален склоп што го истакнува мобилниот телефон, е клучен регион за развој на оваа категорија за дигитална експанзија. Додека интернет-купувањето сè уште е само мал процент од вкупното купување кај многу азиски народи, околу една петтина од продажбата на облека и на чевли во Кина и во Јужна Кореја, денес се остварува преку дигиталните канали. Особено Кина е во предност, каде што продажбата веќе е поголема од таа во САД.

 

Што следува во војната на мобилните паричници?

Иако независните апликации, како што е Apple Pay, се апсолутен хит за мобилно плаќање, тоа не значи дека банките планираат да стојат настрана. Банките имаа успех со понудите на мобилни банкарски услуги, но понудата за персонално мобилно плаќање беше мала. Пред не повеќе од три години, тој потфат беше на поинакво ниво. Како и сите амбициозни провајдери на услуги, и банките беа принудени да преговараат со мобилните оператори за да добијат пристап до сигурносните елементи на мобилните телефони и да го овозможат НФЦ-плаќањето (NFC – Near Field Communications) според принципот „допри и оди" (tap-and-go). Тоа се промени во 2013 година, со технологијата „хост кард емулејшн" (Host Card Emulation), која овозможи сите тие детали да се складираат во „облак". Банките добро се позиционираа за претстојниот натпревар. Тие знаеја како безбедно и ефикасно да испратат пари и забележаа успех во светот, во кој мобилноста е на прво место.

Речиси три четвртини од испитаниците во истражувањето на „Еуромонитор" изјавиле дека користат мобилни телефони за пристап до банкарските средства, од кои 39 отсто, тоа го прават барем еднаш неделно. Потрошувачите може да бидат на релација љубов-омраза со банките, но банките ја имаат иднината во оваа област. Веќе е голем бројот на банките што им овозможуваат на корисниците да го платат купеното од мобилниот паричник. Се очекува дека до крајот на годината, ќе бидат многу повеќе.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...