Instory

„Биомарел шитаке“: Монсунска клима во една битолска фарма

23 дек 2019

Разговараше: Данче Драгинова, danche@instore.mk

Шитаке (Lentinula edodes) e печурка од Далечниот Исток со голема нутритивна вредност, малку калории и речиси без масти. Во Јапонија веќе два милениума го носи епитетот „царска“ затоа што редовно била на трпезата на императорите, а била дел и од исхраната на самураите.

Печурките шитаке се прифатени од официјалната медицина во Јапонија поради нивните лековити својства. Јапонците ја нарекуваат еликсир на животот, а називот на печурката потекнува од зборовите „shii“ (дрво поврзано со дабот и буката, кое расте во Јужна Јапонија) и „take“ (печурка), што буквално значи „печурка што расте на дрво“. Сепак, и покрај тоа што оваа печурка е јапонска, таа ретко може да се најде во природата. Поради нејзините својства, Јапонците успеале да ја произведуваат и фармерски.

Токму оваа печурка од 2003 година ја произведува и нашиот соговорник, битолчанецот Марјан Спиркоски, на фармата „Биомарел“.

Во најголемиот дел од Јапонија преовладува влажна, монсунска клима, па за да се произведе шитаке во земјава, потребно е да се „донесе“ таа клима во овие услови.

Егзотична печурка на македонска почва

Јапонската печурка шитаке е храна што содржи повеќе од 40 состојки кои редовно му се потребни на организмот. Со редовна употреба се зголемува имунитетот и консументот станува отпорен на многу современи болести, го почнуваме разговорот со Марјан.

Поаѓајќи од овие карактеристики на печурката и од фактот што и во Јапонија е ретка во природата и се произведува фармерски, тој истражувал како може да се произведува шитаке и во Македонија. Во најголемиот дел од Јапонија преовладува влажна, монсунска клима, па за да се произведе шитаке во земјава, потребно е да се „донесе“ таа клима во овие услови. Шитаке мора да биде во затворен објект, во строго контролирани услови – влага, температура, светлина и кислород, вели Марјан.

На почетокот од 21 век тоа што било достапно на интернет и како литература за печурките шитаке не навестувало дека ќе бидат економски исплатливи. По подолго време поминато во учење и истражување, Марјан конечно набавил лиценцирана технологија и во 2003 година „Биомарел шитаке“ почнува со континуирано производство.

Марјан доаѓа од светот на машинството и 25 години претходно работел во термоелектрана. Отсекогаш сум сакал да работам нешто што другите не го работат. Љубовта кон печурките, особено кон шитаке, од една страна, со вредностите, а од друга, со специфичностите за производство, беше пресудна да ја променам професијата.

Денес голем дел од луѓето знаат дека постои печурка шитаке, но, сепак, сè уште е премал бројот на тие што ја консумираат.

На почетоците, кога почнало производството на егзотичната печурка, најголемиот дел од луѓето воопшто го немале ни слушнато зборот шитаке, а камоли да знаат за нејзините вредности. Но, како што истакнува нашиот соговорник, со голема упорност и во рамките на можностите за маркетинг, постепено се зголемувала свеста за здравата храна и за вредностите на шитаке. Денес голем дел од луѓето знаат дека постои печурка шитаке, но, сепак, сè уште е премал бројот на тие што ја консумираат.

Погонот за производство на печурките се наоѓа во подножјето на планината Баба, во еколошки чист регион. Засега се функционални 300 квадратни метри, но има и наменски изграден простор кој сè уште е неопремен, а со кој производството двојно би се зголемило.

Марјан накратко ни го опиша процесот на производство: Процесот се состои од повеќе фази. Откако ќе се подготви супстратот, тој се стерилизира и се засејува. Потоа следува инкубација, па ферментација и од петтиот месец натаму се носи во просторија за фруктификација. За фруктификација е потребно да се обезбедат природните услови за печурката, односно монсунска клима. Една многу интересна карактеристика на оваа печурка е што во различни фази од развојот бара различни услови. Времето на една реколта  трае од 9 до 10 месеци.

„Биомарел шитаке“ почнала како семејна фирма, со двајца вработени – Марјан и сопругата Елизабета. Денес во неа работат четворица.

Samuraii шитаке на полица

Портфолиото на „Биомарел“ го сочинуваат два производа, под брендот Samuraii шитаке. Првиот се свежите печурки, спакувани во ПЕТ-амбалажа од 200 и од 500 грама. Вториот е дехидрирана мелена печурка (на ниска температура), која е гранулирана и спакувана во дојпак-амбалажа од 50 грама. Ниската температура, како што ни кажа Марјан, овозможува да се задржат сите корисни состојки како и во свежата печурка. Тоа, пред сè, се однесува на осумте есенцијални аминокиселини, кои при стандардно сушење се губат.

Досегашното 16-годишно искуство покажало дека продажбата на печурките шитаке во малите и во локалните продавници не е задоволителна. Затоа, семејството Спиркоски одлучило свежите печурки да ги пласира само во неколку маркети од големите синџири, а дехидрираната и во специјализирани продавници за здрава храна. Дистрибуцијата ја врши друга фирма, која е доставувач на маркетите.

На прашањето дали планираат проширување на дистрибуцијата во други продавници или трговски синџири, Марјан одговори: Не е проблем да се прошири дистрибуцијата, проблемот е во тоа што повеќето луѓе се премногу исплашени и не купуваат храна плански, туку хаотично.

Во однос на конкуренцијата, „Биомарел шитаке“ е речиси осамен на македонскиот пазар. Брендот Samuraii шитаке го градиме со континуитет во производството и квалитетот на производите. Откако почнавме, па сè до денес голем број други производители почнале да произведуваат шитаке, но по кратко време се откажале. Веројатно тргнуваат од малопродажната цена, која е повисока од цената на другите печурки, а причината за тоа се посебните услови и долгиот период на производствениот циклус, истакнува Марјан.

Досега битолската фирма не успеала да стигне до фазата договор за извоз, но тоа не значи дека и понатаму нема да се стреми кон тоа. Спиркоски се подготвени: во таква ситуација би се активирал наменски изградениот простор, а би биле примени и нови вработени.

Една многу интересна карактеристика на оваа печурка е што во различни фази од развојот бара различни услови.

Амбалажата и дизајнот на Samuraii шитаке досега неколкупати се менувани и редизајнирани, за што „Биомарел“ ангажира професионалци. Фирмата има и сопствена веб (www.shitake.mk) и фејсбук-страница, но Марјан признава дека недоволно го користат потенцијалот на алатките што маркетингот ги нуди, особено на социјалните мрежи. Сме присуствувале и на неколку саеми, но мислам дека не дадоа доволно задоволителни резултати, а средствата за маркетинг ни се ограничени.

Како пресврт во досегашниот развој на фирмата, Марјан го наведува брендирањето на производите под трговската марка Samuraii шитаке, со слоганот: Самурајот кој се бори за вас.

Разговорот го привршуваме со плановите и очекувањата. Марјан ни откри дека планираат во портфолиото да воведат уште два нови производа, но на тој проект треба уште да се поработи и се надева дека ќе биде реализиран следната година. Освен новите производи, „Биомарел“ планира следната година да го активира и наменски изградениот простор и да биде обезбеден првиот извоз на македонско шитаке.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...