Анализи

ИГД: Експанзија на европските дисконтери во урбаните средини

10 јан 2020

Отворањето нови продавници во урбаните средини во минатото не беше стратешки фокус за европските дисконтери. Високите трошоци за недвижности и малиот простор значеа дека градовите не се соодветни за дисконтните формати на продавници.

Автор: Максим Делакур, сениор малопродажен аналитичар, ИГД

Сепак, денес оваа состојба се менува, при што неколку големи европски дисконтери спроведуваат силни планови за експанзија во урбаните средини. Оваа анализа е преглед на плановите за експанзија на дисконтерите и приказ на петте начини на кои тие влегуваат во нови градови.

  1. Таргетирање различни видови локации

Низ цела Европа дисконтерите отвораат повеќе продавници во урбаните средини, на транзитни локации и во трговските центри од кога било досега. Дисконтерите долго време беа недоволно застапени во поголемите европски градови бидејќи нивниот традиционален формат на продавници не беше соодветен за овие локации, но сепак тие препознаа дека урбаните средини нудат силни можности за долгорочен пораст. Со оглед на големата конкурентност на пазарот на недвижности во градовите, дисконтерите треба да бараат и да анализираат различни видови локации за да го зголемат своето присуство.

Се разбира, трговските центри, кои се одликуваат со голема раздвиженост од луѓе, не се нова средина за дисконтерите. Сепак, тие ги менуваат своите стратегии за овие места со таргетирање локации во трговскиот центар наместо да бидат во близина, на пример, во малопродажен парк. Продавниците во трговскиот центар нудат подобри можности за дисконтерите, но тие треба да поработат на изгледот и на асортиманот за да успеат.

  1. Адаптација на асортиманот и тестирање нови решенија

Дисконтерите го развиваат асортиманот на производи за да одговорат на потребите на различни купувачи. Со таа стратегија дисконтерите добиваат можност директно да се натпреваруваат со малопродажните трговци и со продавниците за „храна за носење“.

Помалите продавници значат приспособување на постојниот формат, селекција и организација на асортиманот. Одредени дисконтери почнаа да додаваат специфични производи, вклучително и повеќе решенија за готови оброци и „храна за носење“. Распоредот на асортиманот, исто така, се развива за да биде соодветен на специфичните мисии за купување. Готовата храна честопати се наоѓа блиску до влезот на продавницата, што овозможува брзо и лесно купување.

Очекуваме дисконтерите да научат нешто ново од урбаните продавници што би можеле да го искористат за да ги подобрат своите стандардни формати во однос на ефикасноста, асортиманот и дизајнот.

  1. Подобрување на купувачкото искуство

Дисконтерите ги развиваат продавниците и услугите во урбаните средини со инвестирање во нов распоред, инвентар и во дигитални решенија. Тоа придонесува за подобрување на купувачкото искуство, со што дисконтерот ќе се осигури дека очекувањата на купувачите се исполнети. За да се ограничат долгите редици за време на шпицот, неколку дисконтери експериментираат со поедноставни и побрзи решенија за плаќање, како што се самонаплата или „scan & go“. Дисконтниот банер на „Кооп“ – „Екстра“ тестира нестандардно решение во периодот од 23 до 6 часот наутро во продавницата во Осло, Норвешка, кое овозможува продавницата да работи 24 часа.

  1. Флексибилни формати

Како и другите малопродажни трговци, така и дисконтерите мораа да размислат за големината на продавниците за да влезат во урбаните средини. Тоа беше значаен потег за нив бидејќи голем дел од дисконтерите претходно работеа само со еден формат на продавница. Високите трошоци за недвижности и ограничениот простор во комбинација со очекувањата на купувачите од помалите продавници за побрзо и поедноставно купување се од витално значење за дисконтерите да бидат успешни во градските средини.

Урбаните средини нудат и голем потенцијал за тестирање нови услуги за е-трговија со прехранбени производи и нови решенија за наплата, што ги зголемува можностите на дисконтерите да привлечат нови купувачи.

Еден од главните предизвици за дисконтерите во урбаните средини е одржувањето на ефикасноста и профитабилноста на малите продавници. Затоа, дисконтите можат да бараат помали пакувања од производите на полица или помали палети за полесно надополнување.

Воведувањето специфичен формат за урбана локација, како што е „Алди локал“ во Лондон, во голема мера ја зајакнува сликата за купувачите што се водат од практичноста, а истовремено им овозможува на дисконтерите и директно да се натпреваруваат со други трговци.

  1. Партнерства и заеднички локации

Друг начин на кој дисконтерите може да се прошират во градските средини е преку партнерства со малопродажни трговци со кои не се во директна конкуренција. Продавниците може да се наоѓаат во иста зграда или во близина. Овој метод значи дека дисконтите може да отворат продавници на локации каде што вообичаено би им било тешко да пристапат.

На пример, во Португалија, „Лидл“ отвори продавница во малопродажниот парк во сопственост на ИКЕА. Новото партнерство меѓу двајцата трговци овозможува попогодно трговско опкружување, нуди комплементарни понуди и привлекува уште повеќе купувачи.

Примена на наученото на стандардните формати

Очекуваме дисконтерите да научат нешто ново од урбаните продавници што би можеле да го искористат за да ги подобрат своите стандардни формати во однос на ефикасноста, асортиманот и дизајнот. Со оглед на тоа што урбаните купувачи имаат различни потреби, на пример, помали пакувања и „храна за носење“, дисконтерите ќе го развиваат асортиманот и понатаму и ќе воведуваат нови производи. Ова е одлична можност да се вклучат и производителите и да развиваат нови производи.

На дисконтерите им останува предизвикот да се погрижат урбаните продавници да бидат профитабилни. Повисоките фиксни трошоци ќе ги принудат да се погрижат управувањето да биде уште поефикасно.

Дистрибутерите што влегуваат во градовите ќе ги предизвикаат малопродажните трговци и продавниците за „храна за носење“. Овие урбани средини, исто така, нудат и голем потенцијал за тестирање нови услуги за е-трговија со прехранбени производи и нови решенија за наплата, што ги зголемува можностите на дисконтерите да привлечат нови купувачи.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...