Анализи

„ЛЗ ритеалитикс“: Новото лице на европскиот малопродажен пазар

26 ное 2019

Oдржливоста е силна тема веќе подолго време, но во 2019 година паметните трговци и производители се осмелија да ги надминат вообичаените стандарди, да бидат иновативни и да воведат целосно нови практики

Пишува: Дениз Клуг, продукт-директор во „ЛЗ ритеалитикс“

На 20 август 2018 година 15-годишната Грета Тунберг одлучи да оди на училишниот штрајк како одговор на топлотните бранови и шумските пожари во Шведска. Оттогаш студентите го следат нејзиниот пример низ целиот свет. Јавниот протест, природните непогоди и рекордно жешките температури изминатото лето во Белгија, Германија и во Холандија веројатно се некои од главните причини поради кои во моментов се соочуваме со зголемена свест за проблемите со животната средина.

Ваквата состојба на европскиот пазар гради цврста основа за производителите и малопродажните трговци да го „атакуваат“ пазарот со зелени производи и да ја зголемат побарувачката за уште повеќе такви производи. Одржливоста е силна тема веќе подолго време, но во 2019 година паметните трговци и производители се осмелија да ги надминат вообичаените стандарди, да бидат иновативни и да воведат целосно нови практики.

Дисконтерите сакаат парче од колачот

Дисконтерите се меѓу најинтересните играчи на пазарот и целат кон големо парче од профитабилниот органски колач. На пример, „Алди норд“ го зголеми бројот на биосертифицирани производи за 28% во 2018 година. „Лидл“ во Германија отиде чекор понатаму и воспостави соработка со „Биоланд“ за органските приватни марки. „Биоланд“ е најголемото здружение за органска храна во земјата и неговите стандарди за сертификација ги надминуваат минималните барања на ЕУ. Во Австрија и во Словенија, „Хофер“ на „Алди зид“ ја прошири својата регионална, органска линија Zurück zum Ursprung (Враќање кон потеклото) на чувствителната категорија за нега на бебиња. Сличен асортиман во Полска воведе и „Лидл“.

Колку повеќе купувачите трошат, толку повеќе компаниите донираат. Трговците и производители со паметни потези би можеле да помогнат потрошувачката сама по себе да биде добра причина.

Важноста на овие пристапи станува уште позначајна ако ја земеме предвид големината на играчите. Нивните главни стратешки потези вообичаено се спроведуваат на меѓународно ниво. Матичната компанија на „Лидл“ – „Шварц груп“ е најголемиот малопродажен трговец во Европа. Само „Лидл“ би бил број 1 на ранг-листата по продажба, со присуство на 28 европски пазари. „Алди“, кој ќе биде втор по големина трговец до крајот на годинава, работи во 16 земји.

„Лидл“ е присутен на 28 европски пазари

Зад границата

Се чини дека најголемите вредносни играчи на пазарот со нивните специјални понуди се идеален меур за тестирање на новите производи.

Американскиот иновативен вегански бренд Beyond Meat своето малопродажно деби во Европа го направи во „Лидл“, Германија, чии потрошувачи се високо ценовно свесни. Следуваше освојувањето на полиците на дисконтерот „Нето“ (Едека), каде што беше присутен ограничен период. И во двата случаја полиците се испразнија за само неколку часа.

Разновидни јадења од лажно месо беа лансирани истовремено со Incredible Burger на „Нестле“, токму во времето кога во некои градови почнаа да се затвораат вегански ресторани и кафулиња. Првичното воодушевување полека почна да избледува и се чинеше дека веганизмот ја губи трендовската привлечност. Сега, благодарение на новородената свест за животната средина, се чини дека луѓето се поподготвени од кога и да е да прават компромиси за месото и колбасите, со цел да ја намалат емисија на јаглероден диоксид. Новиот вид иновативни лажни производи од месо го прават овој преод уште полесен.

#Lidlcares

Дефиницијата за одржливост во 2019 година вклучува различни аспекти. Купувачите се „гладни“ за холистичко искуство: права на животните, намалена емисија на јаглероден диоксид при производството, помалку пластика, повеќе регионално и органско сертифицирање, повеќе права за работниците... Свесни за животната средина, купувачите ги земаат предвид сите овие аспекти и ги фаворизираат производите со најмалку една храбра и видлива ознака на пакувањето.

Некои трговци на мало и производители успеаја да ја надминат бариерата ветувајќи дека ќе донираат дел, а некои дури и целиот профит на индивидуални и иновативни производи.

На пример, готовите оброци за деца на „Морисонс“, кои се продаваат под приватната трговска марка Little Kitchen, најпрвин биле вкусени од група деца од добротворната организација за канцер „CLIC Sargent“. Трговецот најави дека ќе ѝ донира 300.000 фунти (речиси 347.000 евра) од продажбата на овој трговски бренд на организацијата. Козметичката компанија „Ту фејсд“ ја лансира линијата на производи Clover, која беше проследена со низа кампањи поврзани со донации за благосостојба на животните. Германскиот бренд на тоалетна хартија Goldeimer оди чекор понатаму. Производителот наведува дека ќе го донира целиот профит за да помогне во изградбата на тоалети во сиромашните земји.

Добрите идеи може да си обезбедат постојано место на полиците бидејќи сегашниот бран на одржливост е многу повеќе од маркетинг. Одржливоста е рецептот за подобра иднина.

И, секако, кога има тренд, „Лидл“ мора секогаш да е на чело на поворката. Пазарниот лидер им донира 10 центи од продадена 0,5-литарска амбалажа од својата нова приватна марка вода Wasserspender на СОС Детските села и ја истакнува ознаката #Lidlcares на производите.

Што имаат заедничко сите овие примери? Колку повеќе купувачите трошат, толку повеќе компаниите донираат. Тоа значи дека трговците и производители со слични други паметни потези би можеле да помогнат потрошувачката сама по себе да биде добра причина.

Импликации

Периодов е зрел за нови вложувања во областа на одржливоста. Поголемиот дел од потрошувачите не би се осмелиле да го засилат својот глас и да станат следната Грета Тунберг. Сепак, промената на личните одлуки за купување и однесувањето на потрошувачите играат огромна улога за да се смири совеста на луѓето и тие да се чувствуваат помалку пасивни.

Дисконтерите сфаќаат дека гигантите, како што се „Лидл“ и „Алди“, се во првите редови за иновации. Тоа значи дека нивните практики веќе се препознаени на меѓународно ниво.  Другите веќе почнаа да ги копираат тие пристапи за да се осигурат дека се пред конкуренцијата што останува пасивна. Сепак, би било попаметно да се наметне диференцијацијата на микрониво. Постојат многу мали иновативни производители со свежи, „зелени“ идеи што чекаат да бидат откриени.

Тоа што е најважно за производителите да сфатат е дека сега е најдоброто време да им пристапат на трговците со одржливи идеи за производите. Малите и средните компании мора да се осмелат да бидат различни, да испробаат нешто ново и гласно да зборуваат за тоа. Додадената вредност на производите треба да се комуницира јасно и гласно на што е можно повеќе платформи.

Добрите идеи може да си обезбедат постојано место на полиците бидејќи сегашниот бран на одржливост е многу повеќе од маркетинг. Одржливоста стана неопходност за луѓето што гледаат напред. Таа е рецептот за подобра иднина.

 

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...