Актуелно

Горан Теменугов: Лав или глушец

04 сеп 2019

Нефункционирањето на правната држава и неказнивоста на криминалците се премногу длабоко навлезени. Мора да се направи драстичен рез и да се постигне општествен консензус за повторно градење, а не шминкање на правниот поредок

Пишува: Горан Теменугов, новинар 

Една од мудростите со кои луѓето сакаат да се дефинираат како храбри или дека се подготвени да преземат ризик во животот е оти е подобро да се живее една година како ЛАВ наместо 10 како ГЛУШЕЦ. Убаво звучи и остава убав впечаток ваквата мисла. Веројатно во неа има и некоја смисла од времето на Ахил, тој грчки јунак, водач на Мирмидонците, кој го избрал храбриот и славен, но краток живот наместо долгиот и анонимен.

Но, во модерниот свет, краткиот, славен и опасен живот најчесто го живеат криминалците. Нивната слава е пропорционална со нивната суровост и најчесто завршуваат со прерана смрт или долго, навистина долго, скапување во зандана.

Но, така е во светот. Кај нас, овде во Македонија, едноставно тоа не важи. Ако си озлогласен криминалец, било финансиски било во класичниот апашлук, најверојатно долго ќе си живееш, и тоа на слобода. Можеби малку ќе полежиш притвор во затворот во Шутка, може и дури да те осудат на казна затвор, но слободата набрзо не ти бега. Ќе се подразболиш, некој доктор ќе ти напише пусулче дека не си „здрав“ или си болен, и ете те на слобода.

Зад секоја голема финансиска афера во минативе 28 години независност стојат личности од политиката. Секој бизнис и секој бизнисмен се загрозени од рекетари поддржани од политичарите.

Секако, две-три години ќе боледуваш и нема да ѝ бодеш очи на јавноста, по што најслободно на светот ќе може да си го покажеш богатството. Па може дури и да станеш аналитичар и да солиш памет за правната држава или за кое било важно прашање во државава.

Поради ваквата неказнивост на нашите апаши, тие се накотија. Случајот со рекетот на Бојан Јовановски или познат како Боки 13 е најсвеж пример. На мета на изнудувањето пари биле бизнисмени. Вмешани, според сомнежите на Обвинителството за организиран криминал, се и лица од Специјалното јавно обвинителство. Поточно, главната обвинителка Катица Јанева. Неверојатно, но вистинито.

Нашиот урнат правен систем се доурна. Граѓаните изгубија секаква верба, а арамиите веројатно уште повеќе се осилија. Но, аферата „Рекет“ е само јаготката на крајот од целата генеза на неказнивост во државава. Сè почна со сомнителната приватизација. Никој за ништо не одговараше. Се сеќавате на продажбата на скопската Рафинерија за 32 милиони долари и исчистена од долгови? Поради штетниот договор што во 1999 година го потпиша тогашниот премиер Љубчо Георгиевски дека државата е обврзана 20 години да купува 500.000 тони мазут годишно, веќе еднаш му плативме 40 милиони долари на грчки „Хеленик петролеум“ за непочитување на оваа одредба. Сега повторно нè тужат за 32 милиони, плус камати.

Дали некој одговараше за ова? Не. А дали некој одговараше за сè што се случуваше од 2006 година до 2017 кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ и имаше крајно сомнителни преземања на фирми и чудни тендери со кои се испумпуваа пари од буџетот на државава? Одговорот е повторно не.

Реков дека неказнивоста цвета. Но, заедничко на осилениот криминал е тоа што тој вирее во спрега со политичките партии. Зад секоја голема финансиска афера во минативе 28 години независност стојат личности од политиката. Секој бизнис и секој бизнисмен се загрозени од рекетари поддржани од политичарите. Затоа малку наивно звучеше пораката на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, кој при посетата на државава побара правна разврска на случаите што ги води СЈО, како и владеење на правото. Секако, како главен услов да се добие датум за преговори во октомври тој го наведе новиот Закон за јавното обвинителство и успешното вклопување на СЈО во Обвинителството за организиран криминал. Притоа не се осмели да ја коментира вмешаноста на Јанева во аферата „Рекет“, со која се поврзуваат и политичари од актуелнава власт на СДСМ.

Затоа, неговото барање е чиста форма, а не суштина. Нефункционирањето на правната држава и неказнивоста на криминалците се премногу длабоко навлезени. Мора да се направи драстичен рез и да се постигне општествен консензус за повторно градење, значи ГРАДЕЊЕ, а не шминкање на правниот поредок. Тој мора да функционира и да направи да одговараат сите што се огрешиле од законите. Во спротивно, кај нас и натаму криминалците ќе бидат лавови, со глувчешки век на живеење. А граѓаните, без вистинска држава.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...