Актуелно

Мислења и коментари: Социјалните претпријатија го менуваат бизнис - светот

23 апр 2019

На ниво на ЕУ, во социјални претпријатија работат 15 милиони работници. Во Македонија има неколку убави примери, но растот на социјалното претприемништво допрва се очекува. 

Подготви: Сунчица Стојановска Зоксимовска, sunchica@instore.mk 

ИНСТИТУЦИОНАЛЕН СТАВ

Мила Царовска, министерка за труд и социјална политика 

Имало многу обиди во минатото за подготовка на Закон за социјално претприемништво кои не успеале. Оваа година првпат предлог-закон за социјално претприемништво ќе биде доставен до Владата. Една од основните цели на предлог-законот ќе биде да го определи статусот на социјалните претпријатија за да можат да бидат препознаени, но и критериумите по кои ќе го добиваат тој статус. Врз основа на овој статус ќе треба да им подготвиме овозможувачка средина за развој и за пристап до финансиски и нефинансиски инструменти за поддршка.

Европските практики за социјалните претпријатија ги препознаваат овие претпријатија како организации, кои без оглед на правната форма, како своја примарна цел го имаат остварувањето мерливи, позитивни социјални/општествени влијанија, наместо создавање профит за сопствениците, содружниците и акционерите. Во подготовката на нашите решенија сигурно ќе се  водиме од овие принципи.

Во нашата држава свеста почна да расте, почнат е развојот на овој сектор. Има многу добри примери на претпријатија што работат во областа на социјалната економија и секако дека има голем потенцијал од страна на државниот и граѓанскиот сектор за поттикнување развој на претпријатија кои би имале позитивно влијание врз општеството.

Предлог-законот за социјално претприемништво ќе биде доставен до Владата во втората половина на 2019 година.

Социјалните претпријатија кај нас би биле во делот на мали и средни претпријатија кои и сега се двигатели на економијата. Тука се отвора простор за нови работни места во повеќе сектори како социјална заштита, здравство, екологија, земјоделство... Ако имаме предвид дека на ниво на ЕУ во овој сектор работат 15.000.000 работници, секако дека потенцијалот е огромен.

Приватните компании можат да помогнат во развојот на социјалното претприемништво, пред сè во делот на поддршката за основање ваков тип претпријатија, но понатаму и во делот на набавките, односно да купуваат продукти од социјалните претпријатија (со што директно ќе ја поддржат нивната одржливост), а подигнувањето на менаџерските капацитети на лицата што ќе управуваат со социјалните претпријатија, за обуките на лицата кои ќе работат во нив...

ЕКСПЕРТСКИ СТАВ

Никица Кусиникова, извршна директорка на здружението „Конект“

Социјалното претприемништво кај нас е сектор во зародиш кој сѐ повеќе побудува интерес. Социјалните претпријатија се во раните фази на развој, изготвиле бизнис-план или го тестираат бизнис-моделот, а имаме неколку успешни во фаза на раст. Задругите се доминантен модел во многу европски земји, додека кај нас се малку застапени. Секторот има потенцијал, постои интерес за поддршка кај државните институции, па во следните години очекуваме зголемен развој на социјалното претприемништво во Македонија.          

Во моментов главни поддржувачи се странските донатори и неколку локални организации. Државата почна со пилотирање на мерки и креирање политика. Постојат многу можности како компаниите да ги поддржат социјалните претпријатија: а) да споделат експертиза за продажба, маркетинг, финансиско планирање, каде што тие имаат знаење што недостига б) да обезбедат почетно финансирање и да развијат посебни линии за финансирање в) да ги промовираат преку деловните партнери и најважно г) да ги вклучат во своите синџири на снабдување, и да набавуваат добра и услуги од нив. Во „Конект“ преку Клубот на одговорни бизниси им помагаме на компаниите да го најдат вистинскиот начин за поддршка и да ги поврземе со социјално претпријатие што одговара на нивниот бизнис и можности.  

Преку соработката компаниите се поврзуваат со заедницата и добиваат идеи за иновирање, проширување на својата база потрошувачи и палета на добра и услуги.

 

Кога компанијата ќе вклучи социјално претпријатие во својот синџир на снабдување, се издвојува од конкуренцијата со поразличен производ/услуга и како одговорна компанија што поддржува одржлив развој.

За овој концепт повеќе да заживее, неопходно е да изградиме еко-систем на поддршка, комбинација од политики, градење капацитети, скроени финансиски услуги и јавно препознавање на социјалните претпријатија. Државата може да обезбеди бенефиции за компаниите што ќе ги помогнат социјалните претпријатија и на тој начин да креира дополнителен поттик.

СТАВ ОД СЕКТОРОТ

Сократ Манчев, претседател на тераписка заедница „Покров“

Триесетина сертифицирани органски производи растат под пластениците на терапевтската заедница „Покров“ од Струмица. За нивното производство се задолжени експерти агрономи, но и корисници на услугите на заедницата за борба против зависности од дрога, алкохол и коцкање. Финансиската поддршка е важна, особено од ресорното Министерство за труд и социјална политика преку покривање на трошоците на одреден број корисници. Социјалното претприемништво кај нас се развива во два правци: од една страна им помага на клиентите да закрепнат од зависноста и да стекнат работни навики, од друга - со развивањето на економските активности ја градиме и нашата самоодржливост.

Ги охрабруваме сите што имаат хумана димензија во својата мисија и визија да формираат социјално претпријатие и да им овозможат подобра иднина на ранливите групи. Во Европа, 10 отсто од БДП го создаваат социјалните економии. Секое четврто што се формира е исто така социјално претпријатие.

Помошта за социјалните претпријатија и заинтересираноста од страна на компаниите (продавници, супермаркети) е голема. Компаниите-добавувачи велат дека немаат дилема околу одлуката дали на нивните полици да се најдат производи од социјални претпријатија.

Склучивме договори со „Тинекс“, „Зегин“ и „Наша добра земја“ за продажба и пласман на нашето органско производство.

Компаниите  покажуваат дека се општествено одговорни. Речиси 40 отсто од пластениците во нашата организација се донација од грчка фирма, а големите домашни маркети ги прифаќаат органските производи, кои, соодветно спакувани, може да се најдат на полиците. Сепак, бизнис-секторот треба уште да се сензибилизира за социјалното претприемништво.

Во Македонија сè уште не постои законска рамка во која функционираат социјалните претпријатија. Затоа, експертите сугерираат приматот да го земат локалните власти кои може да им помагаат на овие компании идејата да стане реализација. Потребно е да се овозможат некои бенефиции со одредени правилници за социјалните претпријатија и да бидат потпомогнати за понатамошно развивање.

СТАВ ОД СЕКТОРОТ

Соња Бојаровска, координатор за општествена одговорност „Тинекс МТ“

Минатата година почна соработка помеѓу компанијата „Тинекс МТ“ и социјалното претпријатие „Избор“ каде што се лекуваат, ресоцијализираат и реинтегрираат зависници од дрога, алкохол и хазардерство. Тие се вклучени во терапевтска работилница наречена „ПОКРОВ“, која им овозможува квалитетно производство на органски зеленчук и овошје. Ние ги отворивме вратите на нашите маркети за да ги пласираат органските производи и со тоа ја помагаме нивната одржливост, а на потрошувачите им нудиме органски сертифицирани производи.

Почнавме со два маркети каде што „Избор“ ги пласира производите. Тоа предизвика голем  интерес кај потрошувачите, пред сè затоа што нивните производи се квалитетни и спакувани во органски-разградлива амбалажа, што е компатибилно со нашите биоразградливи трегер-кеси со брендот - ТИНЕКС.  „Избор“ ги зголеми асортиманот и количината, па отстапивме полици во уште два маркети. Се вклучивме во поддршка на уште едно социјално претпријатие - „Отвори ги  прозорците“ за реализација на проект за социјална инклузија преку технологија. Согласно нашите потреби, отворени сме за соработка и поддршка, свесни сме за значењето на овие мали, кревки претпријатија и помагањето на нивната одржливост придонесува за стабилна економска физиономија на општеството.

Помина времето на двоумење за помош и поддршка на социјалните претпријатија.

Големите, стабилни бизнис-компании практикуваат соработка со партнери со соодветни квалитети кои ќе им парираат во развој на бизнисот. Сомнежот може да се јави околу прашањето: Дали малиот и неутврден раст на социјалното претпријатие може да ѝ парира на големината на една сериозна бизнис-компанија? Важно е во таа соработка активно да биде вклучен и владиниот сектор и да ја помага одржливоста на социјалното претпријатие. Доколку ви тропне на врата социјално претпријатие кое има ентузијазам, знае „како“,  се стреми кон квалитет и се покажало дека е раководено од добар менаџерски тим, има солидни резултати, бизнис-компаниите не треба да имаат дилема да му помогнат. Зарем нема да му подадете рака на социјалното претпријатие во моментот на најголема надеж и моментот на умножување на капацитетите и со тоа да придонесете до подобро општество?

 

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...