Човечки ресурси

Ениса Селмановиќ-Салкиќ: Зошто љубовта не е еднаква кон сите?

10 сеп 2018

Сите деца ги сакате исто, мислам еднакво. Нема миленици, ниту најмалото ниту машкото. На сите исто, за сите еднакво. Демократски, идилично и солидарно.

Автор: Ениса Селмановиќ-Салкиќ, раководител за правни работи и за човечки ресурси, „Мегамикс"

Исто така е и со вработените. Сите се исти, како од ист калап да се направени. На сите еднакво количество љубов, внимание, признанија и пари.

И тука може да се додаде „живееја среќно до крајот на животот“. И тогаш доаѓаме до крајот и сè се распаѓа. Се распаѓа и пред крајот, само што идилата и заедништвото создале привид бидејќи поаѓајќи од тоа за сите еднакво, за сите да видат, излегува дека не го гледаат сите на ист начин.

Како што веќе сме навикнале, реалноста е сосема поинаква. Да, миленици постојат, каде и да погледнете. Колку и да се уверувате себеси и сите наоколу дека тоа не е така.

Има различни миленици, со или без покритие. Кога е со покритие, па добро и нека е миленик, бидејќи тој напорно работи и сè во злато претвора. Кога е без покритие, онака бидејќи така му се случило, тогаш не е добро. Oколу него сите страдаат, а таквиот однос во иднина и нему може да му наштети, особено кога ќе се соочи со ладниот и суров свет.

Ако се поместиме во рамките на сериозните и големи бизниси, јасно е дека и таму постојат миленици. И тие се со и без покритие, а „љубовта“ кон нив се манифестира на различни начини. Тие без покритие се заштитени како свети крави бидејќи „немој, тој е малиот на тетка ми, не чепкај го“ и други слични аргументи. Ги имаме и тие со покритие, кои се вредни, паметни, блескави, како златни јаболка.

Но, иако не го очекувате тоа, морам да признаам дека милениците се добри и се потребни. Сега ќе ви објаснам зошто е така. Тие без покритие се добри поради балансот и рамнотежата, затоа што мора да постои каменче во кондурата. Тие со покритие, за нивните причини можам да зборувам три дена, но сега ќе набројам неколку клучни: сјајни се, имаат врвни резултати, пример се за другите, шират позитивна енергија, проактивни се, посветени се докрај, и на крај, тешко би преживеале доколку ве напуштат. Не затоа што се незаменливи, туку затоа што се тешко заменливи. А во ситуации кога со тешка мака барате нов челен на тимот, зошто да ризикувате.

Сите имате барем еден таков или повеќе, ако имате среќа. Тоа е дополнителна причина да ги чувате како очите во главата.

Но, да не одиме паушално, ајде да дојдеме до систематично решение.

Ги придвижуваат вредностите, тимот,
предизвиците, можноста да учат, слобо-
дата, можноста секој ден да бидат по-
добри во тоа што го работат. Да даваат
идеи, да охрабруваат, позитивно да
влијаат врз околината. Да бидат препо-
знаени и пофалени.

Прво, од перспектива на вашиот бизнис согледајте зошто некој е важен за компанијата. Можеби не ви е важен некој што носи резултати, ако истите ги носат сите. Но, можеби ви е важен оној што ве опсипува со генијални идеи, па на другите им е лесно да постигнат резултати. Или ви е важен некој што не им се спротивставува на промените, туку ги предложува. Сè за благосостојбата на компанијата, секако.

Кога малку ќе сопрете и ќе размислите, сигурна сум дека брзо ќе дојдете минимално до три работи што можат да се наречат критериуми за важност. Но, нема да го направиме тоа бидејќи не е политички коректно.

Сега, кога знаете зошто сакате некој да остане и да стане миленик, ајде да бараме миленици. Секако, само тие што ги исполнуваат критериумите, „малиот“ на тетка ви е надвор од конкуренција. Ако е еден – супер, а ако се повеќе, уште подобро.

Е, добро. Знаете поради што, знаете кој. И што сега? Ништо. Бришка.

Полека, сега сте на половина пат. Сега некако треба да дознаете како да ги задржите. Дали ќе се уплашат доколку им кажете дека се важни? И да, ќе бараат пари! Но, добро е додека не бараат бубрег.

Да се вратиме на тоа како да дознаете што би можело да ги врзе за вас. А да не е брак.

Можете да правите скапи и комплексни мерења, профилирања, тестирања и што уште не. А, можете и да позборувате со нив. Аха, не сте помислиле на тоа. Една работа никогаш не излегува од мода - разговорот. А и не чини ништо.

Но, што да разговарате? Вие малку, миленикот многу. А вие ќе го охрабрувате со поставување на вистинските прашања. За тоа не ви требаат обуки или тим на експерти од областа на нуклеарната физика, едноставно - прашајте што ве интересира. Што го мотивира, што го придвижува, што го врзува за компанијата. Што му е болка, што би направил поинаку, што би направил тој да е на вашето место (да, знам, никој не може подобро од вас, но обидете се, можеби ќе се изненадите). Секако, разговорот треба да биде во опуштена атмосфера, дури и надвор од работните простории. Покажете дека ви е битно, дека ве интересира. Бидејќи, навистина ви е битно, па дозволете миленикот да го види тоа. Не, нема да го разгалите.

Ќе ви откријам една тајна. Спротивно од вашите очекувања, миленикот нема да бара повеќе пари. Или тие ќе му бидат најмалку важни. Милениците се сјајни бидејќи не ги придвижуваат парите. Ги придвижуваат вредностите, тимот, предизвиците, можноста да учат, слободата, можноста секој ден да бидат подобри во тоа што го работат. Да даваат идеи, да охрабруваат, позитивно да влијаат врз околината. Да бидат препознаени и пофалени.

Никаде нема пари, а ова вреди повеќе.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...