Регионално

Иван Шувар, директор на маркетинг во „Загребачка пивоварна“

15 окт 2018

 Предизвик за повеќе, побрзо и подобро 

Разговараше: Јелена Домовиќ, jelena@b2bmedia.org

Иван Шувар уште на факултет одлучил да ги насочи својот труд и своите вештини во насока на маркетингот иако за тоа, како што вели, тогаш имал сосема поинаков впечаток од тоа што го работи денес. Пред крај на студиите добил можност да се качи на своето прво скалило, во маркетиншкиот тим за пијалаци во „Подравка“. Според неговото мислење, тоа бил сјаен почеток во одлична компанија која многу му помогнала во таа прва фаза на професионален развој. Потоа му се укажала шанса да работи во најголемата регионална компанија - „Агрокор“, а потоа и во „Леда“. Сето тоа беше одлична основа и сјајно искуство кое ме развиваше точно како што треба, чекор по чекор, вели тој.  

Кои алатки и начин на комуникација ги користите во одделот за маркетинг на „Загребачка пивоварна“ за да му се приближите на секој потрошувач и да ги стекнете неговата доверба и лојалност? Како го скенирате потрошувачот и како ја приспособувате својата комуникација?

Да се запознаат сопствените потрошувачи, но и тие што не се, е клучен чекор за да можеме да почнеме со планирање и изработка на сопствената (маркетиншка) стратегија. Кога тоа е направено, тогаш сè е полесно. Истражувањето е она од што почнуваме. Низ разни истражувачки алатки и анализа на тоа што веќе го правиме доаѓаме до првите заклучоци за тоа како да комуницираме со нашите потрошувачи. Пробуваме нови работи, но и се држиме до веќе проверените. Тоа што сигурно функционира е искреност и почит кон апсолутно сите учесници во процесите.

Кој Ви е најголем предизвик во работата со оглед на денешното темпо на живот кое ги обликува и ги разгали потрошувачите?

Не би рекол дека потрошувачот денес е разгален. Би рекол само дека условите и можностите што се ставаат пред нашите потрошувачи се изразено многубројни и токму затоа морате на потрошувачите да им овозможите „додадена вредност“, одредена емоција, и да им го дадете најдоброто што го имате. И не зборувам само за брендовите што ги имаме, туку генерално. Но, би рекол и дека тоа е клучот за успехот на тоа што ние го работиме денес, како и во годините наназад.

Кој проект во промовирањето на Вашиот бренд најмногу Ве инспирира?

Не би сакал да издвојам само еден проект бидејќи сите кампањи, сите мали или поголеми проекти ми се еднакво драги и инспиративни за понатаму. Кампањите во кои ги славиме хрватските специфичности се секако нешто што треба да се истакне. „Нашите места се закон“, „Феноменална земја, феноменално пиво“, „Хрватите полесно се разбираат“ - се само некои од нив во кои ги славевме нашиот мајчин јазик, нашите места, нашиот претприемачки дух... Но, исто така сум горд на кампањите кои се занимаваат со сериозни теми. „Започнете со причина“ e сигурно една од нив. И токму таа кампања имаше сериозна порака која на крај има неверојатно влијание и ги поттикна мажите да се позанимаваат со своето здравје.

Сè е полесно кога ќе се запознаат сопствените потрошувачи. Истражување, пробување нови работи но и држење до оние што се покажале дека функционираат, искреност и почит кон потрошувачите, континуитет, конзистентност и иновации...

Дали онлајн-маркетингот зема замав во однос на досегашните традиционални маркетинг-активности? Во кој однос се поделени Вашите маркетиншки активности со оглед на каналите за огласување и комуницирање нови производи и работата на кревање на свеста за постојните брендови?

Работиме и пробуваме нови технологии, но исто така следиме и успешни методи кои функционираат на нашиот пазар. Токму дигиталните медиуми се нешто што секој ден го унапредуваме и би се охрабрил да кажам дека во некои проекти сме пионери на пазарот во нашата категорија. Апликација која ја наградува лојалноста на нашите потрошувачи, проект во кој пред неколку години сместивме наши потрошувачи во ист автобус, иста соблекувална, на стадион со нашите фудбалски репрезентативци или Kinect технологија со која потрошувачите можеа да го предизвикаат фудбалерот Даниел Субашиќ на шутирање пенали, се активности на кои сме горди и по кои сме меѓу првите во Хрватска. Во таа насока ги развиваме и нашите натамошни планови. Од друга страна, некои класични, традиционални медиуми во Хрватска сè уште се незаобиколиви и ние кон тоа се придржуваме.

Какви се специфичностите во огласувањето во пивската индустрија?

Многу натпреварувачка индустрија, со многу квалитетни играчи, и индустрија која секогаш ве тера на повеќе, побрзо и подобро. Мислам дека токму во таа индустрија кај нас можат да се видат проекти кои се многу интересни за целиот FMCG пазар. Покрај тоа, и многу иновативна индустрија, со многу можности, каде што големите произведувачи диктираат трендови и насоки за другите произведувачи. Тоа вреди за домашниот, но и за глобалниот пазар. Квалитетни луѓе, квалитетни брендови и стратегија – се темел на успехот. И сигурен сум дека сите ние во „Загребачка пивоварна“ сме свесни за тој факт бидејќи и својот сопствен успех многу години наназад го темелиме токму врз овие три елементи.

Каква е комуникацијата на „Загребачка пивоварна“ и традиционалните малопродажни објекти за широка потрошувачка во Хрватска и во регионот? Кои промотивни активности би ги издвоиле како Ваш белег?

Би рекол дека во партнерскиот однос меѓу „Загребачка пивоварна“ и нашите купувачи во малопродажбата мораме да го осигуриме за нашите потрошувачи сето она што се очекува од купувањето денес – широк избор, јавна и транспарентна ознака на продажното место и едноставен начин на избор на омилениот бренд. Верувам дека тоа и го правиме. Пораката што им ја пренесуваме на потрошувачите по пат на различни комуникациски канали треба секако да биде целосна и на самото продажно место. Без тоа не сме направиле полн круг и целосен настап. Комуникацијата на продажното место, кое и да е тоа, исто така бара единствен и иновативен пристап.

Можете ли да ни ја опишете најуспешната промоција во малопродажбата? Можете ли да наведете некој пример на промоција во Хрватска кој го имплементирале и некои од земјите во регионот во кој работите, или обратно?

Посебен акцент на промоциите во малопродажбата е ставен на оние што се случуваат за време на некое фудбалско првенство. Тогаш Жуја (прекар за Ожуљско пиво) секогаш има интересна кампања. Посебните, иновативни, фудбалски пакувања на Жуја, наградните игри за потрошувачи, навивачки маици, шалови и слични обележја се интересни додатоци за нашите потрошувачи. Плановите секако се интересни и верувам дека повторно ќе поместиме некои граници во самата комуникација на нашите брендови.

Индустријата за пиво е многу иновативна индустрија, со многу можности, каде што големите произведувачи диктираат трендови и насоки за другите произведувачи. Квалитетни луѓе, квалитетни брендови и стратегија се темел на успехот.

Која одлука ја сметате за своја најдобра деловна одлука во последните две години?

Континуитетот и конзистентноста се клучни во деловниот свет. Би рекол дека сум горд токму на тоа, но и на храброста со која Жуја тргнува во секоја своја комуникација и во секој свој проект. Сите тие проекти на некој начин поместија граници или срушија одредено табу. „Започнете со причина“ беше една од нив, за што сведочи и наградата Grand prix Effie за таа кампања, но и многу луѓе што се јавија и посведочија дека нивното здравје е сочувано токму благодарение на кампањата. Фудбалските кампањи секогаш предизвикуваат силни емоции и нивната продукција секогаш е единствена.

Како го гледате развојот на пивската индустрија во следните пет години?

Индустријата, конкуренцијата, но сигурно и ние сами ќе понудиме голем број новитети и иновации за нашите потрошувачи. Секогаш ќе се водиме од нивните желби и потреби, но ќе има и иновации – како во насока на нови производи, нов асортиман, така и во комуникациска смисла.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...