Анализи

Малопродажбата на транзитни локации: Во чекор со потрошувачот во движење

08 окт 2019

На транзитните локации низ целиот свет купувачите бараат брзо и ефикасно искуство, кое ќе се вклопи во нивниот динамичен живот

Автор: Рејчел Сибсон, аналитичар за малопродажба, ИГД

Современите купувачи бараат брзина и погодност кога купуваат, што подразбира и дека локациите на продавниците треба да бидат лесно достапни. Тоа, дури и во поголема мера, се однесува и на продавниците на транзитни локации, низ кои поминуваат голем број луѓе и притоа кратко се задржуваат. И во нив купувачите бараат искуство што ќе биде соодветно на нивните дневни рутини и плановите за одмор.

На аеродромите, железничките станици и на сервисните станици на автопатиштата низ целиот свет трговците на мало инвестираат и иновираат за да ги задоволат потребите на овој пазар. Целта е да понудат можности за брза храна и пијалаци, со опции што ја задоволуваат потребата од здрави производи, без притоа да му се наштети на квалитетот.

Храна за носење

„Храната за носење“ е најчест сегмент во продавниците на транзитните места, што не е изненадувачки ако се има предвид дека нивниот таргет се потрошувачите во движење. Во тој сегмент се вклучени и топлите и ладните опции, со оглед на тоа што трговците настојуваат да ја задоволат побарувачката на овие потрошувачи во движење во текот на целиот ден. Понудата на широк асортиман е од особено значење за овие продавници, ако трговецот сака потрошувачот повторно да се врати.

Во „Карфур“ на железничката станица „Варшава централна“, одделот „храна за носење“ е првиот дел во продавницата на кој ќе наидат потрошувачите. Просторот е поделен на три дела, соодветно на трите вида оброк-решенија: за појадок, бранч и за ручек, што им ја олеснува навигацијата на потрошувачите. Овој пристап „земи и носи“ (grab & go) го прави купувачкото искуство погодно за патниците што брзаат, но истовремено ја зголемува и веројатноста за импулсивна продажба.

„Кооп ту гоу“ во главната железничка станица во Цирих, исто така, се фокусира на дизајнот и е со отворен распоред, кој овозможува голема видливост на асортиманот од топла и ладна „храна за носење“.

Продавницата „М & С фуд ту гоу“ на аеродромот во Бирмингем ги таргетира „небесните“ патници и им нуди „подготвени за јадење“ и „подготвени за загревање“ оброк-решенија. Освен тоа, во асортиманот се вклучени и здрави напивки, смутија, кафе, вино, пиво и мешани алкохолни пијалаци.

Вендинг-машини

Вендинг-решенијата ја отвораат можноста брендовите да им бидат достапни на купувачите 24 часа на ден, 7 дена во неделата. Машините веќе нудат и многу повеќе од само закуски и пијалаци, што е особено важно за брзите транзитни локации.

На аеродромот „Схипхол“ во Амстердам има „Хелт фуд вол“, односно „ѕид на здрава храна“, кој нуди смрзната вегетаријанска, веганска и безглутенска храна. „Ѕидот“ ја рефлектира зголемената побарувачка за здрави производи за носење и е отворен нонстоп.
Од аспект на „слатките“ примери, ќе го истакнеме „Шугарфина“ на аеродромот во Минеаполис, каде што потрошувачите со допир на екранот добиваат луксузни кондиторски производи на брз и лесен начин. 

Во обидот да им го олесни животот на патниците што доцнат, брендот Kit Kat постави вендинг-машини на аеродромот во Сао Пауло, каде што патниците можат да ги скенираат своите билети на машините и да добијат бесплатно чоколатце.

Постои огромен простор за пораст во овој сегмент, а иновативните трговци ќе имаат најголема корист од растечките можности.

Продавници со производи за секојдневна употреба 

Покрај оброк-решенијата и „храната за носење“, луѓето што патуваат бараат и продавници со производи за секојдневна употреба во близина.

„Веитрос“ на сервисните станици на „Велкм брејк“ на автопатиштата во Велика Британија максимално ги искористува сите достапни површини за изложување на производите преку асортиман со помали димензии на пакувањата.

На железничката станица во Лозана, „Алди“ има компактен асортиман од производи за здравје и убавина, во димензии што се соодветни за потребите на патникот во движење.

Импулсивна продажба

Практиката на современите купувачи да купуваат брзо им овозможува на трговците да размислуваат во насока на развој на импулсивната продажба со помош на дисплеи, вкрстена продажба и промотивни пакети.

Дисплеите со импулсивни производи им го привлекуваат вниманието на купувачите и ги доведуваат во искушение да купат нешто непланирано. На потрошувачите што немаат време, вкрстената продажба им нуди практични решенија на едно место. Намалувањето на цените е дозволено сè додека се исполнети очекувањата за вредност и квалитет.

„Џамбо сити“ на железничката станица во Ајндховен има промотивни кутии на влезот од продавницата кои веднаш го привлекуваат вниманието на купувачите и го охрабруваат непланираното купување.

„ЦИБО експрес“ на аеродромот во Хјустон покрај пијалаците на бар-полиците става и снек-производи, така што купувачите ги гледаат како пакет.

Вечерни оброци

За луѓето што живеат динамичен живот, пригодните оброк-решенија стануваат сè попопуларни. Ова е добра вест за транзитните места, особено за метроата, бидејќи купувачите бараат вечерен оброк на патот од работа до дома.

Во „Фреш ателие“ на централната станица во Брисел има голем избор од „храна за подоцна“, вклучувајќи грицки, предјадења, како и готови оброци, сирења и сувомесни деликатеси. Продавницата нуди и ладно пиво и вино, со што ја зајакнува привлечноста како дестинација за по работа.

„Алберт Хеин ту гоу“ на централната станица во Амстердам има значителен асортиман на пива, вина и алкохолни пијалаци за купувачите што сакаат да ги надополнат своите вечерни оброци. Освен тоа, нуди и оброци за секој дел од денот.

Храната за носење“ е најчест сегмент во продавниците на транзитните места, што не е изненадувачки ако се има предвид дека нивниот таргет се потрошувачите во движење.

Услуги за додадена вредност

Не се само цената и квалитетот на производите во продавниците на транзитните локации тоа што ги тера потрошувачите да трошат повеќе. Трговците сè повеќе се трудат да овозможат и подобро купувачко искуство. Тоа води до иницијативи како што се: „клик & колект“, опции за испорака и едноставен начин на плаќање.

На пример, „Лобло“ во соработка со „Метролинкс“ на транзитните станици во Торонто на возачите им овозможува да нарачаат онлајн, а потоа да ги земат производите од одредени железнички станици. 

Слична услуга нуди и „Фреш ателие“ на централната станица во Брисел, која е точка за земање на е-нарачките.

Погодност, услуга и иновации

На транзитните локации низ целиот свет купувачите бараат брзо и ефикасно искуство, кое ќе се вклопи во нивниот динамичен живот. Тоа значи дека трговците треба да трагаат по различни начини за да ги задоволат потребите на купувачот во движење, без разлика дали тоа е поедноставна навигација низ продавницата, инвестиција во побрза технологија за наплата или во пикап-локации. Постои огромен простор за пораст во овој сегмент, а иновативните трговци ќе имаат најголема корист од растечките можности.

(Авторката Рејчел Сибсон е аналитичар за малопродажба, специјализирана за обезбедување увид во стратегискиот развој на трговците и трендовите во секторот. Нејзиниот фокус е на британскиот прехранбен пазар.) 

 

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...