Свет

Прво месечно зголемување на цените на храната од мај годинава

21 ное 2019

Индексот на цените на храната* во октомври годинава во просек изнесуваше 172,7 поени, што претставува пораст за 1,7 проценти во споредба со септември, односно за 6 проценти во споредба со октомври минатата година. Октомвриското зголемување е првиот позначителен месечен пораст од мај минатата година.

Извор: www.fao.org

  • Индексот на цените на житните култури во просек изнесуваше 164 поени во октомври годинава, што претставува зголемување за 4,2 проценти во споредба со септември. Меѓународните цени на пченицата нагло се зголемија во октомври, најмногу поради робусните трговски активности и пониските очекувани приноси во Аргентина и во Австралија.
  • Во октомври годинава индексот на цените на растителните масла во просек изнесуваше 136,4 поени, што претставува зголемување за 0,5% на месечно ниво, со што го достигна највисокото ниво од септември 2018 година. Малото месечно зголемување се должи на повисоките цени на палминото масло.
  • Минатиот месец индексот на цените на млекото и на млечните производи во просек изнесуваше 192 поени, што претставува пад за 0,7% во споредба со септември. Ова е втор последователен месечен пад, но сепак индексот е за 5,6 проценти над неговото ниво во октомври минатата година.
  • Индексот на цените на месото* во просек изнесуваше 182,7 поени во октомври годинава, што е повисоко за 0,9% во споредба со ревидираната вредност за септември 2019 година. Со тоа се продолжува трендот на умерено месечно зголемување на цената на месото, кој трае девет месеци по ред.
  • Октомврискиот индекс на цените на шеќерот во просек изнесуваше 178,3 поени, за 5,8% повисок од септември. Цените на шеќерот остануваат непостојани, под влијание на промената на цените на суровата нафта, нестабилните временски услови во Индија и флуктуацијата на бразилскиот реал во однос на американскиот долар.

* За разлика од другите групи, поголемиот дел од цените што се користат за пресметка на индексот на цените на месото не се достапни кога се пресметува и се објавува овој извештај. Вредноста на индексот на цените на месото е изведена од комбинација на проектираните и на забележаните цени.

Индексот на цените на храната на Организацијата за храна и земјоделство (ФАО) ја мери месечната промена на меѓународните цени на потрошувачката кошница. Тој се состои од просекот на индексите на цените на петте групи прехранбени производи, пондерирани со просечните извозни удели на секоја од групите.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...